Грчката полиција откри мрежа за злоупотреба на европски средства во вредност од 2,5 милиони евра.

Грчката полиција спроведува голема акција во раните утрински часови во региони како Кожани и Агринио, насочена кон разоткривање на мрежа осомничена за злоупотреба на европските земјоделски субвенции. Според информациите од надлежните органи, уапсени се 13 лица, кои, според истрагата, незаконски стекнале повеќе од 2,5 милиони евра преку измами поврзани со земјоделски фондови на Европската Унија.

Акцијата ја води Одделот за борба против економски криминал при Дирекцијата за борба против организиран криминал. Истрагата укажува на тоа дека осомничените биле дел од организирана криминална група, која со лажни информации и манипулации ги оштетила финансиските интереси на Унијата. Меѓу приведените се наоѓаат управител и вработен во Центарот за прием на барања за субвенции, а вкупно во истрагата се вклучени 39 лица.

Прочитајте и:  Низ физички инциденти во Скопје и Велес, задржани повеќе лица

Од грчката полиција потврдуваат дека, покрај незаконски стекнатите средства, во случајот откриени се и даночни прекршоци. Оваа акција претставува втора голема операција поврзана со злоупотреба на европските земјоделски фондови во Грција во изминатите денови. Минатата недела, во одделни полициски акции во Солун, Килкис, Сер, Атина и на Крит, уапсени се 39 лица, осомничени дека незаконски присвоиле повеќе од 7 милиони евра од европските субвенции.