Пороен дожд и крупен град го парализираа Скопје
Попладнево силно невреме го зафати главниот град. За кратко време крупни зрна град и силен дожд ги претворија улиците во потоци, а дел од возилата останаа заглавени. Сообраќајот на повеќе точки е во целосен застој, а поплави се пријавени и во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. На повеќе локации има искршени дрвја и оштетени покриви, а штетите се евидентираат во сите скопски општини.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски соопшти дека се активира кризниот штаб. Тој истакна дека градските служби се во постојана координација со Центарот за управување со кризи, Министерството за внатрешни работи, електродистрибуцијата, Противпожарната бригада на Град Скопје и другите надлежни институции, за навремено делување при евентуални поплави и штети.
Според Ѓорѓиевски, сите расположливи ресурси се ставени во функција. Екипите остануваат на терен преку целата ноќ и ќе интервенираат таму каде што е потребно.
Воедно упати апел до граѓаните да бидат внимателни и смирени и да соработуваат со службите. Иако невремето не може да се спречи, со брза и организирана реакција неговите последици може значително да се намалат.




