Два разорувачи на американската морнарица – USS Truxtun и USS Mason – успешно поминаа низ Ормусткиот теснец и влегле во Персискиот Залив, откако одбиле координиран напад од иранска страна, информираат американските медиуми. Нападот вклучувал ракети, дронови и мали брзи чамци, но ниту еден од бродовите не бил погоден, и покрај интензивната офанзива. Разорувачите имале поддршка од хеликоптери „Апачи“ и други воздухопловни средства.
Покрај воените бродови, два трговски брода под американско знаме безбедно го поминале теснецот, потврди Централната команда на САД во рамките на иницијативата „Проект Слобода“, која беше најавена од Доналд Трамп.
Тензиите во регионот остануваат високи, откако Иран претходно предупреди на напади врз странски сили доколку се приближат до теснецот. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, истакна дека не постои воено решение за кризата и предупреди на можноста за ескалација, и покрај напредокот во мировните преговори.
Ескалацијата се случи по нападите што САД и Израел ги извршија врз Иран кон крајот на февруари, по што Техеран возврати со акции против американски и сојузнички цели и го затвори Ормусткиот теснец. Примирјето стапи на сила на 8 април со посредство на Пакистан, но засега нема траен договор, додека Вашингтон продолжува со поморска блокада насочена кон иранскиот сообраќај во регионот.




