Дончиќ: Повторно сум 100% здрав!

Тимот на Лос Анџелес лејкерс влегува во нова ера без Леброн Џејмс, а улогата на главен лидер на франшизата сега му припаѓа на Лука Дончиќ. Со тоа уште повеќе се зголемија очекувањата на навивачите, кои веруваат дека словенечката ѕвезда ќе го предводи тимот во новата НБА-сезона.

Токму поради тоа, Дончиќ им испрати порака на фановите, уверувајќи ги дека ќе биде целосно подготвен за почетокот на сезоната.

„По завршувањето на минатата сезона си дозволив неколку недели вистински одмор од кошарката за целосно да го закрепнам телото. Тој период ми беше од голема корист и сега сум повторно 100 проценти здрав“, изјави Дончиќ.

Тој објасни дека ваквиот пристап е дел од неговата рутина во секое лето.

„Секогаш на почетокот од паузата се дистанцирам малку од кошарката. Можеби е поинаков начин на подготовка, но кај мене функционира. Кога ќе се оддалечам од играта за кратко и ќе испробам нешто ново, се враќам со уште поголема желба, мотивација и енергија“, порача словенечкиот кошаркар.