Војната во Судан влезе во четвртата година на 15 април и земјата продолжува да се справува со една од најтешките хуманитарни кризи во светот. Обединетите нации ја опишуваат како најсериозна хуманитарна катастрофа во моментов. Конфликтот почна пред три години и засега не се наѕира крај на насилствата.
Бојните дејствија се водат меѓу суданската армија, предводена од генерал Абдел Фатах ал-Бурхан, и паравоените Сили за брза поддршка (РСФ), под команда на генерал Мохамед Хамдан Дагало. Овие два генерали предходно заедно ги организираа протестите и го соборуваат долгогодишниот лидер Омар ал-Башир во 2019 година, што отвори пат за транзиција кон цивилна власт. Сепак, процесот на транзиција беше прекинат со воен удар, а потоа следуваше конфликт меѓу нив за интеграцијата на силите и идниот политички правец на земјата.
По започнувањето на војната во април 2023 година, во конфликтот се вклучија и множество локални милиции, како и различни странски сили. Според извори од ОН и американски функционери, Обединетите Арапски Емирати наводно ѝ пружаат значајна поддршка на РСФ преку соседни земји, што официјално е негирано од Абу Даби. Суданската армија пак, како свои сојузници ги наведува Египет, Турција, Саудиска Арабија и Катар.
На теренот, РСФ минатата година ја зацврсти контролата врз регионот Дарфур, додека армијата управува со поголем дел од источниот Судан. Борбата сега е концентрирана во регионот Кордофан и на новите фронтови на југоистокот. Беспилотните летала играат сè поголема улога во конфликтот, зголемувајќи бројот на цивилни жртви. Според податоци на ОН, годинава во такви напади загинале најмалку 700 цивили.
Последиците за цивилите се ужасни. Околу три четвртини од населението има потреба од хуманитарна помош, а во повеќе региони е прогласена глад или постои ризик од неа. Здравствениот систем е речиси целосно уништен, што доведе до ширење на болести. ОН додаваат дека се забележани сериозни етнички злосторства, за кои РСФ е обвинета за масовни убиства со карактеристики на геноцид, особено во Дарфур. Иако официјално се евидентирани над 11.000 загинати, проценките за вкупната смртност се во стотици илјади.
И покрај огромните потреби, хуманитарниот план за Судан за 2026 година е финансиран само со 17 проценти, додека меѓународната поддршка опаѓа поради намалени донации и пренасочување на средства кон други глобални кризи.




