Македонија ќе организира два значајни спортски настани

Под покровителство на Министерството за спорт, во Македонија ќе се одржат два значајни спортски настани. Од 21 до 29 април, Скопје ќе биде домаќин на Светското училишно првенство во ракомет за средношколци, а на 27 април започнуваат „Плазма спортските игри за млади“, кои ќе се одржат во 11 градови низ земјата.

Овие два настани, кои имаат големо значење за развојот на младинскиот спорт, се реализираат со поддршка на Федерацијата за училишен спорт на Македонија.

-Нашата намера е да создадеме безбедна, поддржувачка и мотивирачка средина во која секое дете ќе може да напредува преку спортот. Овие манифестации не само што нудат шанса за младите, туку ја промовираат и нашата земја и спортската култура, како и потенцијалот на нашата младина – изјави Илија Ристески од Министерството за спорт.

На Светското училишно првенство во ракомет се очекува учество на околу 1000 млади ракометари и ракометарки, средношколци до 18 години од целата планета. Организацијата на ова првенство е признание за напорите на Министерството за спорт да го вклучи спортот во секојдневието на младите преку училишниот систем.

Прочитајте и:  Трамп: За два дена можни разговори со Иран

Годинава Македонија се приклучи на платформата „Спортски игри за млади“, што отвора ново поглавје во развојот на младинскиот спорт. Оваа манифестација, која трае веќе 30 години, организира натпревари за деца од 6 до 18 години и досега привлекла над 3.440.000 учесници.

Натпреварите опфаќаат десет различни спортски дисциплини, вклучувајќи мал фудбал, одбојка, ракомет, кошарка 3х3, тенис и шах, за момчиња и девојчиња.

Во Македонија, натпреварите ќе се реализираат во април, мај и јуни 2026 година, со 18 спортски денови во Охрид, Струмица, Битола, Тетово, Куманово, Штип, Кичево, Кавадарци, Прилеп, Кочани и Скопје, вклучувајќи неколку општини во Скопје (Центар, Аеродром, Кисела Вода, Гази Баба, Ѓорче Петров, Чаир и Сарај). Училиштата и локалните заедници ќе учествуваат во организацијата со поддршка од националните спортски федерации.

Најдобрите учесници од регионалните натпревари ќе се натпреваруваат на финалниот државен натпревар, а истакнатите ќе ја претставуваат Македонија на Меѓународната завршница во Сплит, каде ќе се дружат и натпреваруваат со врсниците од другите земји учеснички во проектот.