Постои значаен интерес од неколку големи светски финансиски институции за финансирање на изградба на брзата пруга во коридорот 10, изјави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
“Очекувам дека ќе биде присутна конкуренција во понудите, односно ќе имаме повеќе од една финансиска институција со свои предлози. Тоа ќе ги поттикне да се натпреваруваат меѓусебно и, во конечниот резултат, да добиеме поевтини средства. Очекувам дека до средината на јули, јавноста ќе биде информирана”, нагласи Николоски.
Тој се осврна и на активностите на соседните држави, Грција и Србија, кои работат на поврзување со Македонија преку двоколосечни пруги. Најави и средби со грчките претставници во текот на летото.
“Можам да потврдам дека планирам да имам средби со претставници на грчката влада во јули, на кои ќе дискутираме детално за проектот. Охрабрува фактот што Грција предвиде околу 640 милиони евра за целосна рехабилитација на пругата од Атина до Солун, која простира до 20 километри северно од Солун. Со тоа остануваат уште 50 километри до Гевгелија, и имам информации дека веднаш по нашето започнување на изградба, и тие ќе започнат на својата страна. Што се однесува до Србија, тие веќе имаат изградена брза двоколосечна пруга од Белград преку Суботица до Будимпешта, а сега работат на линијата Белград-Ниш и бараат финансирање за проектот од Ниш до Скопје, што значи дека очекувам Србија да гради паралелно со нас”, изјави Николоски.
Тој истакна дека Македонија во моментов има шанса да биде многу конкурентна за транзит на мапата, а со изградбата на брзата пруга од Коридорот 10, државата ќе остварува приход од 120 милиони евра годишно.




