Македонските ракометни судии, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, официјално се суспендирани на две години од Европската ракометна федерација (ЕХФ).
Покрај суспензијата, на двојката им е наложена и парична казна од 5.000 евра за прекршокот што го направија пред почетокот на последното Европско првенство.
Пред машкото Европско првенство оваа година, ЕХФ ја повлече нивната номинација поради наводна манипулација со видео снимките од „Тестот за кондиција во повеќе фази“.
Според анализата на партнерот за интегритет на Европската ракометна федерација, „Спортрадар“, утврдено е дека тие снимки биле обработувани, поради што беа изречени санкциите.
Двајцата судии се суспендирани од сите функции во рамките на ЕХФ и од учество во било какви активности на оваа федерација во наредните две години, поради сериозно неспортско однесување, стои во одлуката на ЕХФ.
Начевски и Николов имаат право на жалба до Апелациониот суд на ЕХФ во рок од седум дена по приемот на одлуката.
Тие се сметаат за едни од најдобрите ракометни судии во светот, со значајно искуство во управувањето со важни меѓународни натпревари, вклучувајќи натпревари во Лигата на шампионите, како и на Европските и Светските првенства.




